Виртуелен свет од времето на С.Р. Македонија сеуште егзистира..
Дали ни се потребни приватни училишта?
Виртуелен свет од времето на С.Р. Македонија сеуште егзистира..
Apocalypto
09.06.2009, 19:30
Родителите притискаат за оценки
Државниот просветен инспекторат нема ингеренции да казнува за притисоците врз наставниците и за зголемувањето на оценките, вели директорот Џорџе Арсов
Родители пред крајот на учебната година вршат притисоци и бараат нивните деца да добијат повисоки оценки од реалните, се жалат наставниците во основните и во средните училишта. На крајот од учебната година родители доаѓаат и молат кај директорката, а таа врши притисок врз нас. На крајот, од толку ученици што цела година имале единици, нема ниту еден да полага поправен испит - вели професор од едно скопско средно училиште. Наставниците објаснуваат дека родителите притискаат за повисоки оценки, за нивните деца да имаат подобар успех при уписите. И учениците потврдуваат дека на некои нивни соученици премногу очигледно им се поправаат оценките со врски.
- Ако не знам кога ме испрашуваат веднаш ми ставаат слаба оценка, а на мој соученик му се простува незнаењето поради тоа што има вработен роднина во училиштето. Има и друг пример. Моја соученичка на почетокот од годината имаше многу единици, а сега ќе заврши со сите петки затоа што нејзините родители фатија врски. Речиси сите од мојот клас имаат врски. Но, има и професори што се објективни и не дозволуваат да им се врши притисок - вели средношколка од скопското Средно училиште „Арсение Јовков“.
До вакви резултати дошол и Државниот просветен инспекторат при контролите што ги извршиле инспекторите во училиштата. Во годишниот извештај, освен што констатирале необјективност и нетранспарентност во оценувањето на учениците, увиделе и дека изборот на предметите не се врши според интересот на учениците, но и дека не се промовираат учениците што се талентирани.
Директорот на Државниот просветен инспекторат Џорџе Арсов вели дека инспекторатот нема ингеренции да казнува за притисоците врз наставниците и за нереалното зголемување на оценките.
- Преку интерна евалуација ги добивме податоците и имаме многу забелешки. Со ваквата евалуација ќе продолжиме и идната година дури и по двапати ќе вршиме контрола во училиштата. Децата најмногу се жалеа дека кога добиваат мала оценка наставникот не им кажува каде згрешиле и што треба да поправат, но имаше и такви забелешки дека наставникот на некои ученици необјективно им става оценки - вели Арсов. Во некои училишта за да се избегне притисокот, на родителите им се забранува да доаѓаат во училиштето две недели пред завршување на годината.
- Има притисоци врз професорите. Родителите цела година не доаѓале да видат какви оценки има детето и кога на крајот ќе видат дека има четири единици, почнуваат да вршат притисок - велат директорите. Родителите, пак, велат дека им е важно нивното дете да има успех за да може да се запише во средно училиште или на факултет.
Матура ќе се полага в четврток
Втората генерација матуранти в четврток и в сабота ќе полагаат државна матура. Тие ќе бидат тестирани по два екстерни предмета, мајчин јазик и математика или странски јазик.
Како и лани, околу 17.000 или 75 отсто од учениците кои завршуваат средно образование се пријавени да полагаат матура, која е услов за упис на факултет. Мајчин јазик ќе полагаат 17.528 кандидати, странски јазик 12.728, а математика 4.627 матуранти.
Новина е што годинава првпат државна матура ќе полагаат и матурантите од средните уметнички училишта. За нив има дополнителни два предмета (естетика и филозофија) од кои ќе го изберат вториот екстерен предмет. Двата интерни предмета и проектната задача учениците ќе ги изберат во зависнот од тоа на кој факултет ќе се запишуваат. Резултатите се очекуваат најмалку еден месец по тестирањето. Августовските тестирања по екстерните предмети се на 13 и на 15 август.
-------------------------------------------
Дали родителите, наставниците, професорите се воопшто свесни што прават со децата? Дали практично децата ке бидат “интелектуални инвалиди“ кој треба да се соочат со реалноста дека не се способни за предизвиците или е важно само да се има добри оценки без да се има знаење?
Ова ме потсети на приказните од времето на Социјалистичка Република Македонија по втората светска војна кога буквално немавме ниту еден стручен кадар и се бираше “ИНТЕЛЕКТ“ според партијата, “ако вујче е владика јас ке станам поп“ и ред други (не)правилности. Инвалидитетот продолжува, системот на “владика и поп“ исто така. Убаво се сеќавам на приказната на мојот покоен татко кога ми велеше дека, најгласните и најглупавите беа на највиталните места во тогашна Македонија, со кратка обука и потоа се стекнуваше искуство без сенс за идеи, модернирање и.т.н.
Статијата ме врати во тоа мрачно време каде што буквално се забетонира менталитетот на нашиот народ и општеството. И сеуште трае, за жал. Свесни сме за овој хедникеп, свесни сме дека немаме интелегенција (некој ке рече дека имаме, ако ова не е добар пример, тогаш за каква интелегенција говориме).
Болно, жално, трагично....за иднината на нашите деца, генерациите, иднината на оваа земја!
Copyright © 2005 Време. Сите права се задржани.